Ашваганда – Мисионер на ајурведската медицина

Benefits-of-Ashwagandha-GettyImages-1286731083-e6626b1014104931b94e053265f5aa2e

Ашваганда

Мисионер на ајурведската медицина

Сл бр ½ – Приказ на Ашваганда

 

Карактеристичен медијатор измеѓу западната медицина и традиционалната источна ајурведска медицина е билката Withania somnifera – позната како Ашваганда.

Ова растение се смета за потентен адаптоген – односно агенс кој на неспецифичен начин ја зголемува отпорноста на телото кон надворешни физички, хемиски, биолошки и психолошки стресори, одржувајќи ја на тој начин телесната хомеостаза. Надоврзувајќи се на адаптогените својства на ова растение одредени клинички студии упатуваат на антитуморски, антиинфламаторен, хипогликемиски и антиоксидантен ефект на ашвагандата.

Листовите, стеблото и коренот на ова растение содржи голем број на фитохемиски биоактивни соединенија од кои најважни се витанолидите кои се сметаат за главните соединенија одговорни за ефектите на ова растение, имено витанон, витаферин А, витанозид 4, соминон (самите витанолиди хемиски се вбројуваат во стероидните лактони). Покрај витанолидите присутни се флавоноиди, танини, алкалоиди и гликозиди. Неопходно е да се спомене и присуството на стотици различни варијации на витанолидите на што се припишува  огромниот спектар на својства на оваа билка од истокот. Вообичаено продуктите од Ашваганда наменети за суплементација содржат 5%- 35% витанолиди.

Бројни студии укажуваат на позитивниот ефект на екстрактот од ашваганда на физичкиот перформанс. Физичкиот перформанс во контекст на тие студии се оценува врз мерење на 3 главни параметри:

1/ сила и мускулна маса

Се смета дека на клеточно ниво витанолидите влијаат на одредени транскрипциски молекули и патишта ( процесот на транскрипција на клеточно ниво значи препишување на рецептите за протеини кои се содржат во ДНК на клетката – потоа тие препишани рецепти се преведуваат во протеини – во контекст на мускулна сила – превод во мускулни протеини кои се користат за градење на мускулното ткиво)..

Една студија на 18 испитаници ( 6 мажи : 12 жени) со времетраење од 30 дена (10 дена x  750mg, 10 дена x 1000mg, 10 дена x 1250mg) покажала пораст на јачината на зафатот за 8%, јачината на квадрицепсите за 21,5% и јачината на екстензорите на грбот за 15,4%.

Друга студија на 50 мажи со времетраење од 8 недели ( дневно дозирање од 600 мг- два пати по 300мг) нотиран е значаен пораст во силата  мерен преку следење на пресата за гради, екстензијата на нозете како и пораст во мускулна маса на рацете, градите и натколениците.

2/ кардиореспираторен фитнес

Оценка на кардиореспираторниот фитнес се изведува врз мерење на VO2 – параметар дефиниран како максимална консумација на кислород која може да се постигне за време на физичка активност и има индивидуални варијации (мерен во литри на кислород/минута).

Дополнително, способностите на телото да се справува со стрес, вклучувајќи го и физичкиот зависат од дотокот на хранливи материи и кислород до ткивата. Зголемување на дотокот на кислород  директно овозможува ткивата да го потенцираат аеробниот метаболизам – во контекст на мускулното ткиво ова може да се интерпретира како зголемување на физичкиот перформанс. Одредени студии ја корелираат суплементацијата со ашваганда со зголемување на одредени параметри на крвта- сумирано како зголемување на нивото на хемоглобин и оттаму способноста на крвта да транспортира кислород до ткивата.

3/ замор/заздравување

Одредени параметри покажуваат значајна разлика во вредностите измеѓу групите на кои им бил аплициран екстракт од ашваганда и оние со плацебо третман во контекст на клиничките студии на ефектите на оваа билка. Големото намалување на стрес хормонот кортизол има опсежни ефекти на мултипни органски системи во телото – вклучувајќи го и префрлањето на метаболизмот кон анаболизам со што се подржува синтезата на мускулни протеини и мускулното опоравување по физичка работа. Гликемијата, составот на коските, масното ткиво вообичаено се бомбардирани од ефектите на овој хормон и неговиот драматичен пад резултира со бенефициелни ефекти на сите од нив. Друг параметар кој укажува на оштетување на мускулните влакна – како и тоа кое се случува при физичка работа – е пораст на нивото на креатин киназа ( ензим кој го има во мускулните влакна). Употребата на ашваганда резултирала со помал пораст на овој ензим кај спортисти по тешко физичко оптоварување .

Дополнителен фактор кој влијае на ткивното оштетување и последователното заздравување е и создавањето на кислородни радикали. Нормални при генерирањето на енергија во клетките кои користат кислород се создаваат одредени количини на овие молекули кои имаат потенцијал да доведат до клеточно оштетување. Самиот организам има различни механизми кои ги користи да се справи со овие молекули . Метаболитите на ашвагандата – примарно витанолидите се смета дека се вклучени во регулација на овој оксидативен стрес на клетките . Преведено во контекст на мускулатурата ова значи потенцијално скратен период на поефикасно опоравување по физички стрес.

Ашвагандата има опсежни ефекти врз ендокриниот систем – особено кај мажите. Самите витанолиди кои се главните активни состојки на ашвагандата се суровина за продукција на стеролни деривати како што е ДХЕА – кој што е еден од најзастапените стеролни соединенија во циркулацијата и претрпува трансформација во активни андрогени хормони како што е тестостеронот. Имајќи го во предвид прогресивното намалување на функцијата на машките полови жлезди со текот на стареењето лесно може да се разбере позитивниот ефект на ашвагандата врз машкиот хормонален профил и оттаму врз севкупниот метаболизам, когнитивната функција, квалитетот на сонот и целокупниот квалитет на живот кај мажи – особено по 50та година.

Сл бр.3 – Трансформација на витанолиди во ДХЕА и тестостерон

 

Суплементацијата со ашваганда укажува и на ефекти на квалитетот на сонот – со потенцијал за индуцирање на сонот кај пациенти со инсомнија без  нусефекти. Бидејќи должината и квалитетот на спиењето влијае и на процесите на адаптација на телото кое се подлегнува на физичка работа следи заклучокот дека екстрактот од ова растение преку индукција на сонот  би го потенцирал заздравувањето на мускулите и процесите во нив кои се должни за нивна хипертрофија.

 

/Дозирање

Се смета дека дневно дозирање од 120 mg – 1250 mg е доволно за засилување на физичките перформанси . Дозирање околу 300 mg на ден е попрепорачливо за лица кои не се толку физички активни. Треба да се има на ум интеракцијата со некои лекови за хронични болести – потребна е консултација со медицинско лице.

Сумирано оваа азиска билка има огромен распон на употреби – почнувајќи од ефекти врз физичкиот перформанс, контрола на ендокрината функција, подобрување на квалитетот на сонот и когнитивната функција и подобрување на севкупниот телесен метаболизам.

 

/Употребена литература                   

1/ Wankhede S, Langade D, Joshi K, Sinha SR, Bhattacharyya S. Examining the effect of Withania somnifera supplementation on muscle strength and recovery: a randomized controlled trial. J Int Soc Sports Nutr. 2015;12:43. Published 2015 Nov 25. doi:10.1186/s12970-015-0104-9

2/ Bonilla DA, Moreno Y, Gho C, Petro JL, Odriozola-Martínez A, Kreider RB. Effects of Ashwagandha (Withania somnifera) on Physical Performance: Systematic Review and Bayesian Meta-Analysis. J Funct Morphol Kinesiol. 2021;6(1):20. Published 2021 Feb 11. doi:10.3390/jfmk6010020

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Main Menu